Трендот на намалување на невработеноста и зголемување на бројот на вработени во земјава е поврзан и со враќањето на дел од граѓаните. Тие што во изминатите години ја напуштија државата, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој ги коментираше најновите податоци на Државниот завод за статистика. Нагласи дека процесот е охрабрувачки и дека очекува да продолжи.
„Да, тоа е исто така, една од охрабрувачките вести. Третиот квартал од оваа година, споредено со третиот квартал минатата година, има 7.000 повеќе вработени на сметка на 7.000 помалку невработени. Односно, ако во третиот квартал минатата година имало околу 698 илјади вработени, сега има 705 илјади. Минатата година во третиот квартал имало 98 илјади невработени, сега има 91 илјада. Што значи дека бројот на вработени и невработени пропорционално се зголемува, односно намалува. Охрабрува трендот што голем број од македонските граѓани последните 10 години поради состојбата што беше во државата што одлучија да заминат, полека се враќаат“, рече Мицкоски, кој присуствуваше на поставување камен-темелник на спортска сала во Колешино.
Премиерот изрази уверување дека овој тренд ќе продолжи и во следниот период.
„Голем дел од луѓето коишто кога тогаш заминаа, еве остваруваат контакти со мене или со голем дел од институциите во Владата и одлучуваат да се вратат и повторно тука да го продолжат својот живот. Што е, исто така, охрабрувачки тренд – тоа значи дека ќе се зголемува бројот на вработени. Ќе се зголемува бројот на луѓе коишто ќе отпочнат свој бизнис или пак ќе најдат начин како да работат тука дома, наместо некаде надвор, бидејќи и таму гледате состојбата каква е со многу проблеми обременета. Така што тоа е тренд што охрабрува и јас сум убеден дека тој тренд ќе продолжи. Овој параметар е добар и охрабрувачки“, додаде Мицкоски.
