Означен почеток на големата реконструкција

Со официјалното означување на почетокот на градежните работи стартуваше реконструкцијата на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Како што беше најавено, проектот треба целосно да го промени изгледот на аеродромот, а завршувањето на работите е предвидено до крајот на мај.

Реконструкцијата треба да обезбеди 4.500 квадратни метри функционален простор, со што ќе се овозможи поудобно, поефикасно и попријатно искуство за патниците. Воедно, ќе се подобрат и условите за работа на вработените, како и на полициските и царинските служби.

Мицкоски: Очекуваме двоцифрен раст на патниците

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека со овој проект ќе се зголемат капацитетот и квалитетот на аеродромот. Тој изрази очекување дека сите активности ќе бидат реализирани во предвидениот рок.

„Со оваа реконструкција се зголемуваат капацитетот и квалитетот на аеродромот. Се надевам дека во предвидениот рок сè ќе биде завршено. Во првите два месеца од годинава на скопскиот аеродром има 30 отсто зголемување на бројот на патници, а на охридскиот за околу 20 отсто. Годинава очекуваме двоцифрен раст на патници на двата аеродрома. Разговараме со голем број тур-оператори кои организирано треба да носат туристи на охридското крајбрежје, а со еден сме пред склучување договор, кој надвор од сезоната ќе донесе околу половина милион ноќевања“, изјави Мицкоски.

Николоски: Во јули да имаме комплетно нова приказна

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, оцени дека станува збор за сериозна реконструкција, надградба и проширување на охридскиот аеродром, што, како што нагласи, се случува првпат од неговата изградба.

Тој посочи дека проектот ќе донесе 4.500 квадратни метри функционален простор, што е за околу 2.500 квадратни метри повеќе од постојниот капацитет. Според Николоски, тоа ќе овозможи прифат на поголем број патници, попријатно патничко искуство, како и повеќе можности за развој на туризмот, бизнисот и поврзаноста.

„Почнува сериозна реконструкција, надградба и проширување на охридскиот аеродром. Ова се случува првпат откако аеродромот е изграден. Проектот треба да донесе 4.500 метри квадратни функционален простор, што е околу 2.500 повеќе од постојниот. Тоа ќе значи можност за многу повеќе патници, нивно попријатно чувство кога ќе слетуваат и полетуваат од охридскиот аеродром, ќе значи и многу повеќе можност за туризам, за бизнис и поврзаност. Инвестицијата е во повеќе фази, едната е оваа што се гледа, но има и други, споредни. Се надевам дека во јули ќе можеме да ве поканиме тука, на свечено отворање и да имаме комплетно нова приказна со која заеднички ќе бидеме горди“, нагласи Николоски.