Околу 1.000 станбени згради сè уште се без греење во Киев, каде што екипите за поправка работат под силен притисок, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски по состанок посветен на состојбата во енергетскиот сектор.

„Моментално само во Киев работат повеќе од 200 екипи, а според Министерството за енергетика, нивниот број ќе се зголеми за да се обезбеди ротација на работниците. Луѓето се исцрпени“, напиша Зеленски на социјалните мрежи, посочувајќи дека енергетската инфраструктура вчера била силно погодена во руско бомбардирање.

Тој додаде дека тешка останува состојбата и во регионите Харков, Суми, Полтава, Днепропетровск и Чернигов.

Украинската премиерка Јулија Свириденко на Телеграм објави дека од почетокот на годината енергетскиот сектор бил цел на 217 руски напади.