Околу 200.000 луѓе се собраа денеска во Минхен за да протестираат против иранските власти, соопшти полицијата на баварската престолнина, каде што се одржува Минхенската безбедносна конференција.

Демонстрантите се собраа мирно на плоштад во западниот дел на градот за да побараат пад на Исламската Република по крвавото задушување на широкиот бран протести што започна кон крајот на декември.

Некои мавтаа со знамиња со зелени, бели и црвени ленти со лав и сонце во средината, симбол на монархијата што беше соборена во 1979 година.

Митинзи со повик за меѓународна акција против Техеран се планирани денеска во Торонто и Лос Анџелес.

Реза Пахлави, протераниот син на соборениот шах, го повика Доналд Трамп да му „помогне“ на иранскиот народ, велејќи дека е „време да се стави крај на Исламската Република“.

„Тоа е барање кое одекнува уште од крвопролевањето на моите сонародници, кои не бараат од нас да го реформираме режимот, туку да им помогнеме да го закопаат“, додаде лидерот на иранската опозиција, кој живее во егзил во Њујорк.