Околу 5.000 лица вчера протестираа во Солун против новите лични карти во Грција, како резултат на пласираните теории на заговори дека овие документи ќе им овозможат на властите да ги следат граѓаните, па дури и да им го контролираат умот, пишува грчкиот весник Катимерини, пренесува Meta.mk.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис неодамна изјави дека новите лични карти нема да имаат никакви „чипови, камери или прислушувачки уреди“, што сепак не доведе до смирување на најавите за протести.
Она што е интересно е дека на протестите присуствуваат граѓани со силни религиозни врски со Грчката православна црква, а одредени свештени лица дури и го поддржаа протестот во Солун.
Протестите низ Грција против новите лични карти продолжуваат, при што наредниот викенд е најавен ваков настан и во главниот град Атина. Актуелното раководство на Грчката православна црква изјави дека ќе испратат официјално соопштение на оваа тема во текот на наредните денови.
Новите лични карти во Грција се во согласност со стандардите на ЕУ, а ќе бидат задолжителни за сите граѓани од август 2026 година.