Најсилните криптовалути во светот деновиве се повторно „во зелено“, оптимизмот на инвеститорите расте, берзите цветаат и сè е прекрасно – па логично е што покрај биткоинот и етериумот, порасна вредноста и на помалку значајните алткоини. Една од нив е шиба ину, меме криптовалута направена според моделот на доџкоин, чии автори и сопственици се надеваат дека ќе доживее големо зголемување на вредноста.

За потсетување, доџкоинот беше создаден од шега, но беше прифатен од Илон Маск, па со неколку негови твитови оваа криптовалута порасна доволно за нејзината вредност да се мери во десетици центи, пренесува факултети.мк.

Со надеж дека ќе ја постигне славата на доџкоин, еден сопственик и поддржувач на шиба ину на „Твитер“ го праша Маск колку криптовалути поседува, а тој накратко одговори дека нема ни една. Овој твит со еден збор предизвика пад на вредноста на криптовалутата шиба за околу 8 отсто, а Маск ја продолжи дискусијата објаснувајќи ја својата инвестиција.

– Купив биткоин, етериум и доџкоин од чиста љубопитност – напиша тој на „Твитер“.

Најбогатиот човек на светот продолжи да споделува инвестициски совети кога станува збор за криптовалутите.

– Како што реков претходно, не инвестирајте сè во криптовалути. Вистинската вредност лежи во правење производи и обезбедување услуги за луѓето, а не во пари во каква било форма – напиша Маск, кој моментално поседува богатство проценето на повеќе од 250 милијарди долари.

Ако зборуваме за биткоинот, Маск и „Тесла“ долго време се занимаваа со оваа криптовалута вложувајќи 1,5 милијарда долари, дури и овозможија купување автомобили со криптовалути, па беше очекувана поврзаноста на водечкиот светски милијардер со биткоинот.

Од друга страна, додека приказната за доџкоинот сè уште се вжештуваше, Маск напиша дека ја купил оваа криптовалута за својот „мал Екс“, односно синот по име X Æ A-12. Ако навистина му купил доџкоин во февруари или порано, „малиот Екс“ можел да ја зголеми вредноста на инвестицијата на неговиот татко за десет пати.