Годишниот Октоберфест, најголемиот светски фестивал на пивото, ќе се одржи оваа година без никакви ковид-ограничувања, откако беше откажан во последните две години поради пандемијата, изјави во петокот градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер.

– Ќе има неограничен (фестивал), кој се надевам дека на многу луѓе ќе им даде многу задоволство, рече Рајтер на прес-конференција, додавајќи дека му наложил на раководството на фестивалот да продолжи „без одложување и без ограничувања“.

Октоберфест треба да се одржи од 17 септември до 3 октомври.

Рајтер, кој рече дека не било лесно да дојде до својата одлука поради состојбата со пандемијата, како и војната во Украина, додаде дека останува можноста Октоберфестот да биде откажан доколку владините претставници ги вратат ковид-мерките.

– Се надевам дека ситуацијата нема да дојде до крај на есен, рече тој.

Октоберфест обично привлекува околу 6 милиони посетители во Минхен годишно, а многумина патуваат од странство. Луѓето седат на долги заеднички маси за да пијат пиво, да јадат колбаси, ѓевреци или свински зглобови, уживајќи во добрата музика.