Колумбија во 2021 година постигна нов историски рекорд кога е во прашање коката, со 204.000 хектари површина каде се одгледува билката, чии лисја се користат за производство на кокаин, се наведува во годишниот извештај на Обединетите Нации.

Најголемиот светски производител на кокаин „ја зголеми површината за одгледување на кока за 43 отсто“. Во 2020 година, се засеани 143.000 хектари, а во 2021, 204.000, објави Одделот на ОН за борба против дрога и криминал.

Станува збор за најголем број досега забележан од ОН, откако почна со следење на производството на кокаин во 2001 година.

За споредба со зголемувањето на плантажите, производството на кокаин што се праќа од Колумбија во САД и Европа, има пораст од 1.010 на 1.400 тони.

Производството расте од 2014 година и покрај полициските акции против криумчарење наркотици.

Според ОН, порастот на одгледување лисја на кока и производство на кокаин, првенствено е последица на „територијалната ранливост“, потоа „зголемената глобална побарувачка“, па на дејствувањето на вооружени групи, профитери од оваа трговија.

Колумбискиот претседател Густаво Петро им предложи на САД нов пристап во досегашната безуспешна борба против трговијата со дрога.