-Повеќето од овие сериозни прекршувања се извршени од вооружените сили на Етиопија и Еритреја, изјави денеска во Женева високиот комесар на ОН за човекови права, Мишел Бачелет.

Прекршувањата, од кои некои би можеле да се опишат како злосторства против човештвото, се откриени во извештајот на Етиопската комисија за човекови права (ЕКЧП) и Канцеларијата за човекови на Обединетите нации.

Документирани се и вонсудски погубувања, мачења, силување и напади врз бегалци и раселени лица, јавува Би-Би-Си.

Во заедничката истрага двете тела пронајдоа докази кои сугерираат дека во оваа етиопска област имало воени злосторства.

Судирот меѓу бунтовниците од Тиграј и владините сили избувна во ноември минатата година кога етиопскиот премиер Абиј Ахмед нареди офанзива против бунтовничките сили во регионот.

Ахмед прогласи победа на 28 ноември минатата година, откако испрати војници во регионот за да ги соборат од власта одметнатите локални власти кои потекнуваат од Народно ослободителниот фронт на Тиграј (ТПЛФ). Меѓутоа, во јуни, борците на ТПЛФ повторно зазедоа поголем дел од областа и ги принудија владините трупи да се повлечат. Потоа тие ја продолжија офанзивата кон соседните области Ахмара и Афар.

Владата на Етиопија вчера прогласи вонредна состојба во целата земја, додека бунтовниците од Тиграј, кои веќе една година се борат против провладините сили, викендов објавија дека зазеле два стратешки града.