Специјалната претставничка на генералниот секретар на Обединетите нации и шефица на мисијата на ОН во Авганистан, Роза Отунбаева денеска, на Меѓународниот ден на жената, соопшти дека Авганистан под талибанската влада се уште е држава која најлошо од сите држави во светот се однесува спрема правата на жените и девојчињата.
Отунбаева додаде дека е „вознемирувачки“ да се видат „намерни и систематски напори“ на талибанската влада да ги истисне жените и девојките од јавната сфера во Авганистан.
Половина од населението на Авганистан е принудено да остане дома во екот на една од најголемите светски и економски кризи, а тоа е чин на „национално самоосакатување“ во огромни размери, посочи таа.
„Сите Авганистанци, не само жените и девојчињата, ќе бидат осудени на сиромаштија и долгорочна зависност од хуманитарна помош со овој чин“, нагласи Отунбаева.
Мисијата на ОН, исто така, објави дека откако талибанците дојдоа на власт во Авганистан во август 2021 година, забележана е речиси постојана дискриминација на жените и континуирано усвојување мерки што ги ограничуваат нивните права.
На девојчињата им е дозволено да одат на училиште само до шесто одделение, а на Авганистанките не им е дозволено да се појавуваат на јавни места како што се паркови и спортски сали.
Меѓу другото, на жените во Авганистан им е забрането да работат во владини и невладини организации. (МИА)