Не треба да се избрзува со обвинувања во врска со медиумскиот извештај за саботажата на Северен тек, оценува германскиот министер за одбрана Борис Писториус. Тој предупредува на можност од операција под лажно знаме.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска (8.03) предупреди да не се избрзува со обвинувања во врска со медиумскиот извештај кој вели дека новите разузнавачки информации кои ги разгледувале американски претставници укажуваат дека про-украинска група ги извела минатогодишните напади на гасоводот Северен тек.

„Може да се работи и за добро инсценирана операција под лажно знаме за да се обвини Украина“, оценува Писториус во интервју за Дојчландфунк и додава: „Веројатноста за едното или за другото е еднакво голема.“

Според Писториус, „не е од помош ако врз основа на вакви истражувања, кои сигурно се направени макотрпно и педантно, да се размислува за тоа какви последици тоа би имало врз нашата поддршка за Украина“.

„Њујорк Тајмс“ објави дека новите разузнавачки информации кои ги разгледувале американски претставници укажуваат дека проукраинска група ги извела нападите врз Северен тек во 2022 година. Весникот, повикувајќи се на американски претставници, објави и дека нема докази оти украинскиот претседател Володимир Зеленски или неговите најблиски соработници биле вмешани во операцијата, или дека напаѓачите дејствувале под команда на кој било украински претставник.

Русија бара брза истрага

Русија смета дека медиумските извештаи за нападите на гасоводите Северен тек се координирани напори да се сврти вниманието. Кремљ соопшти дека е збунет како американските власти можат да претпостават нешто за нападите без истрага.

„Очигледно, авторите на нападот сакаат да го свртат вниманието. Очигледно, ова е координирано полнење на медиумите“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, за руската државна агенција РИА. „Како можат американските функционери да претпостават нешто без истрага?“, прашува Песков и бара земјите кои имаат удел во Северен тек да спроведат итна и транспарентна истрага.

„Сè уште немаме дозвола за истрагата, само пред неколку дена добивме белешки за ова од Данците и Швеѓаните“, рече Песков, додавајќи: „Ова не е само чудно, мириса на огромен криминал“.

Киев демантира учество во нападите на Северен тек

Украина категорично демантира каква било вмешаност во саботажата на гасоводите Северен тек. Советникот во кабинетот на украинскиот претседател, Михајло Подољак изјави дека Киев „апсолутно не е вклучен“ во минатогодишните саботажи. „Без сомнеж, Украина апсолутно не е вмешана во ексцесите на гасоводите. Тоа воопшто нема никаква смисла“, изјави Подољак за агенцијата Ројтерс.

Тој додава дека Украина нема информации за тоа кој точно бил инволвиран, но шпекулира дека за тоа се виновни она што тој го нарекол руски напори за дестабилизација на регионот. „Почнувајќи од првиот ден од изградбата на гасоводите на дното на Балтичкото Море, Украина постојано им обрнуваше внимание на своите западни партнери на рапидно растечките стратешки ризици за безбедноста на Европа кои ги носи реализацијата на овој проект“, изјави Подољак.

Во компанијата која управува со гасоводите Северен тек 1 и 2, „Северен тек АГ“, удел меѓу другите имаат рускиот државен концерн Газпром, Винтершал ДЕА и Е.ОН од Германија.