Она што ДУИ не го направи за 25 години, Вреди го прави за 25 месеци, вели партијата Вреди во соопштение.
„Проблемите на ДУИ не се проблеми на Албанците. ДУИ има проблем со политичко преживување, додека Албанците имаат потреба од унапредување на Охридскиот договор и заштита на правичната и соодветна застапеност. Цели 25 години ДУИ ја имаше власта, но не и волјата. Ги имаше институциите, министерствата и механизмите во свои раце, но еден од главните столбови на Охридскиот договор, правичната и соодветна застапеност, го остави настрана.
Денес, кога зборуваат за закана врз Охридскиот договор, тоа го прават токму оние кои го прогласија за завршен, додека едно од неговите главни начела го оставија без закон. Наместо да донесат закон, измислуваа привремени механизми. Наместо да ја заштитат правичната застапеност како уставен принцип, ја користеа како алатка за политички пазарења.
Така беше и со балансерот. Го продаваа како решение, но граѓаните видоа како се злоупотребуваше на конкурси. Некој еден ден се изјаснуваше како едно, а следниот ден како нешто друго. Не затоа што му се менуваше идентитетот, туку затоа што му се менуваше интересот. Тоа не е правична застапеност. Тоа е игра со системот.
Законот што го носи Вреди ја отстранува оваа логика. Никој не му го одзема правото на граѓанинот слободно да се изјасни, но самоизјаснувањето не може да биде покритие за измама.
Кога постојат официјални податоци, тие не можат да се игнорираат само затоа што некому му одговара поинаку за одреден конкурс. Ако се утврди злоупотреба, кандидатот ќе биде одбиен и нема да може да се пријавува на конкурси во наредните три месеци. Овој закон воведува ред во вработувањата. Нема повеќе вработувања по нечија волја, нема повеќе импровизации и нема повеќе игри со идентитетот на граѓаните. Ќе има планирање, податоци, одговорност и закон“ – се вели во соопштението на Вреди.
