Се зголемува животниот век на пациентите со три вида рак – на дојка, на бели дробови и на кожа (меланом) за разлика од пред неколку години кога смртноста беше поголема, што се должи на поквалитетен третман, нови лекови и поголем буџет за лекување односно поголемо издвојување по пациент на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Бројот на нови случаи со некој од овие три вида канцер останува релативно стабилен на Онкологија, но вкупниот број на пациенти со овие дијагнози прогресивно се зголемува т.е. имаат подолг животен век и овие болести веќе ќе се сметаат за хронични.
Со рак на дојка нови пациентки годишно има помеѓу 800 и илјада, околу 700 е инциденцата на рак на бели дробови во минатите две години, а бројот на новодијагностицирани со мелаом е во пораст во последните пет години – 63 во 2020 и 174 во 2025.
Ова денеска на прес-конференција го соопштија директорите на Клиниката за радиологија и онкологија и на Фондот за здравствено осигурување, д-р Игор Стојковски и Сашо Клековски.
-На пример, за канцер на дојка, до пред четири-пет години на Клиниката имаше околу 5000 пациенти годишно, а оваа година и лани имаме 7000. Кај пациенти со канцер на бели дробови имаме 1200 годишно во 2020 година, а оваа година се околу 1743, а најдрастично покачување на преваленцата има кај пациентите со меланом – оваа година се 514 кои се третираат на Клиниката, а беа околу 200 во 2020. Кумулирањето на бројот на пациенти се должи, меѓу другото, и на иновативна терапија која е ефикасна за овие заболувања, како и поради алоцирање повеќе финансиски средства за третирање на овие пациенти, рече д-р Стојковски.
Според директорот на ФЗО Клековски, има јасна корелација помеѓу продолжениот и кавлитетен живот и вложувањата во терапијата. До 2017 околу 10 милиони евра годишно било финансирањето за Клиниката за радиотерапија и онкологија, растот во буџетирањето почнува во 2019, а во последните неколку години, рече Клековски, значајно се зголемува. За 2026 година буџетот на Клиниката е околу 57 милиони евра, што е зголемување од 14 отсто во однос на минатата година.
-Конкретно, за рак на дојка, во 2020 издвојувањата биле околу 700 евра по пациент, за сега да стигнат до 2.500 евра по пациент. Заради новооткриени и вкупен број на пациенти со рак на дојка буџетот за нив е скоро една третина од вкупниот буџет. Односот меѓу инциденца и преваленца е продолжување над седум години, што е битно поместување во однос на минатото. Кај ракот на бели дробови инциденцата се движи околу 600 до 700 случаи годишно, додека преваленцата односно вкупниот број тука е околу 1700. Очекувано тука бројот на живи пациенти е помал во однос на инциденцата затоа што е доста поагресивен и подоцна се открива, меѓутоа од односот меѓу инциденцата и преваленцата очекуваниот животен век е над две години, што е битно подобрување. И тоа е поврзано со зголемувањето на финансирањето, од неколку стотини евра, сега се вложува по 7.600 евра, а исто така во третманот на рак на бели дробови повеќе се вклучува имунотерапија – од 11 прценти во 2021, сега речиси 49 проценти од пациентите се вклучени на имунотерапија, и тука се гледа подобрувањето на животот на овие пациенти, изјави Клековски, посочувајќи дека статистиката се однесува на пациентите за чие лекување не било доволно хируршки третман туку се онколошки лекувани.
За меланомот, кој важи за еден од најсмртоносните видови рак, покрај растот на инциденцата (појавувањето нови случаи), односот со преваленцата (вкупниот број на заболени) е над три години, што повторно се должи на ефикасната терапија и значителното вложување за третман кое, рече Клековски, можеби и најголемо досега.
Константното зголемување на буџетот за Онкологија во изминатите неколку години треба понатаму да го зголеми опфатот на терапијата, што ќе придонесе за поквалитетен живот на пациентите со канцер и уште повеќе ќе го зголеми нивниот животен век.
Клековски појасни дека зголемувањето од 14 отсто на буџетот во однос на минатогодишниот е и за набавка на лекови. Минатата година биле вклучени шест нови лекови, оваа година ќе има и два нови лека за рак на дојка, нова терапија ќе има и за канцер на простата и ќе се зголеми опфатот за 10 проценти за третман со имунотерапија.
-Ракот во еден дел од случаите веќе е хронична болест и е состојба со која ќе се живее подолго време и треба полека да се подготвуваме за пристап во согласност со фактот што пациенти ќе живеат подолго. Предизвикот е голем затоа што колку стануваме подобри во третманот, толку растат и потребите, како на пример од специфични видови терапија кои не секогаш моеме да ги предвидиме во нашиот систем, истакна Клековски.
На Клиниката во моментов функционираат три акцелератори, од кои еден е ставен во функција минатата година, по десетина години затворен во магацин. На презентацијата на резултатите денеска беше претставен и нов апарат за зрачење на метастази во мозокот за што пациентите досега биле упатувани во странство. (МИА)
