Онколошки пациенти останаа без потребната терапија, дознава Курир.

Додека кај едни е прекинат циклусот, други не можат да почнат со хемотерапија бидејќи лекот „Оксалиплатин“ го нема.

Пациенти кои ја контактирале редакцијата на Курир велат дека иако хемотерапија им била препишана, не можат да ја примаат бидејќи лекот го немало. Други велат, во болничките ходници се зборува дека лекот нема да го има до 15-ти месецов.

Од Курир побарале одговор од Министерството за здравство од каде потврдуваат дека лекот Оксалиплатин во моментов го нема.

-Од Клиниката за радиотерапија и онкологија сме информирани дека во петок ќе пристигнат нови количини од лекот Оксалиплатин, и пациентите навремено ќе ја добијат терапијата, се вели во кусиот одговор од Министерството за Курир.

Во меѓувреме, пациентите се снаоѓаат како знаат. Некои се обидуваат да го најдат лекот во соседните земји и да продолжат или почнат со терапијата, а други поради финансии остануваат да чекаат лекот да биде обезбеден од Клиниката која е должна да го набави.

Дали навистина „Оксалиплатинот“ ќе биде достапен за пациентите во петок, останува да се види.

Инаку денеска директорот на Клиниката Никола Васев, на барање на министерот Беким Сали, си поднесе оставка од позицијата. Оставката следува по контролите на Фондот за здравствено осигурување за исплата на дежурства.

Васев во изминатиот период се најде и на мета на јавноста со неколку скандали со лекови поврзани со Клиниката за радиотерапија и онкологија. Потврда за скандалите денеска даде и Сали.

-Во последниот период и на двете клиники имаше доста скандали поврзани со работата на директорите и поради тоа мораше да се преземе ваков чекор. На тој начин се создадоа и сомнежи околу нивната работа и затоа тие денес си поднесоа оставки и на нивно место ќе бидат назначени нови директори, вели Сали за „Фокус“, во врска со оставките на Васев и Аспазија Софијанова која се повлече од директорското место во Клиниката за детски болести.