Онлајн дебата со наслов „Нов Генерален урбанистички план за зеленo и хуманo Скопје”, со цел детектирање на проблемите во секојдневното живеење што произлегуваат од планските решенија на постојниот ГУП од 2012 година, како и утврдување на конкретни насоки за изработка на претстојниот ГУП, ќе се одржи денеска во организација на Зелен хуман град.

Дебатата, како што соопшти Зелен хуман град, ќе ја отвори градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска. Свој придонес ќе дадат архитекти и планери, претставници на институции и активисти.

– Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата ќе говори за корупцијата во урбанистичкото планирање. За предизвиците во дефинирањето на визијата на урбаниот развој и одржливата мобилност во Софија ќе говорат гости од Бугарија, најавуваат од Зелен хуман град.

Изработката на ГУП-от, додаваат, мора да се заснова на ажурни и детални податоци за сите сфери: домувањето, сообраќајот, здравството, образованието, социјалните услуги, урбаното зеленило, управувањето со отпад, квалитетот на воздух, комуналната инфраструктура итн.

– Планските решенија мора да се носат врз основа на опсежни и стручни анализи и преку широк партиципативен процес. Очекуваме со оваа дебата да се поттикне отворање на процесот на изработка на новиот ГУП и поактивно вклучување на целата засегната јавност во натамошниот процес. Од дебатата ќе произлезат конкретни барања до Градот Скопје во однос на опфатот, процесот и очекуваните резултати од изработката на новиот ГУП, се вели во соопштението.