Вториот по големина пожар во историјата на Ново Мексико може да стане уште полош, бидејќи контролата на ширењето на пожарот ја отежнуваат ветерот и сушата во оваа американска држава.
Би-Би-Си јавува дека пожарот беснее повеќе од еден месец и има зафатено површина поголема од градот Чикаго. Многу семејства останаа без покрив над главата, а илјадници се евакуирани.
Се очекува ветерот и речиси рекордните високи температури како и ниската влажност дополнително да го поттикнат ширењето на пожарот.
Националната метеоролошка служба во Албакерки предупреди дека за време на викендот се очекуваат ветровити и суви услови, што ќе ја „влоши и онака лошата ситуација“.
Американскиот претседател Џо Бајден неделава прогласи голема катастрофа во Ново Мексико и ги даде на користење федералните ресурси, вклучително и финансиска помош за жителите на овие области.
Рестораните и продавниците во Лас Вегас, град со 13.000 жители, се затворени, а истата судбина ги снајде и училиштата, освен оние кои преминале на онлајн настава.