Се стравува дека 60 лица загинале во воздушен напад врз училиште во областа Луганск, кое служело како засолниште за цивили, јави ДПА.

-Во училиштето засолниште од нападите побараа околу 90 лица, изјави Сегеј Хаидаи, шеф на регионалната воена управа на Луганск, додавајќи дека 30 лица се извлечени од под урнатините, а седум од нив биле повредени.

Во урнатините досега се пронајдени две тела, изјави утрово Хаидаи, додавајќи дека „веројатно е дека сите останати 60 лица се мртви“.

Руски авион, соопшти синоќа Хаидаи, фрлил бомба врз училиштето во селото Билохоривка, кое е на околу 11 километри од бојното поле. Во подрумот на училиштето, рече тој, „имаше речиси цело село“.

На пожарникарите им требале повеќе од четири часа да го изгаснат пожарот, што избувнал по воздушниот напад врз училиштето.