ОПЕК ја процени побарувачката на нафта во првиот квартал од следната година на просечни 99,13 милиони барели дневно, зголемувајќи ја својата ноемвриска прогноза за 1,11 милиони барели дневно.
-Закрепнувањето што се очекуваше досега во четвртиот квартал од 2021 година е делумно одложено за првиот квартал од 2022 година, а неговиот тек во втората половина на 2022 година ќе биде постабилен, се наведува во редовниот месечен извештај на ОПЕК.
-Треба да се додаде дека влијанието на новата варијанта (на коронавирус) омикрон би требало да биде благо и краткотрајно бидејќи светот има сè подобри алатки за справување со Ковид-19 и предизвиците што тој ги носи, додаваат тие.
Во исто време, картелот ја потврди прогнозата дека светската побарувачка на нафта оваа година треба да се зголеми за 5,65 милиони барели дневно, по минатогодишниот најголем пад откако почнаа да објавуваат податоци.
Тие ја потврдија и прогнозата за цела 2022 година, според која побарувачката треба да се зголеми за дополнителни 4,15 милиони барели дневно и со тоа да го надмине нивото од 2019 година.
ОПЕК и неговите сојузници постепено го зголемуваат производството, кое минатата година го намалија на најниско ниво од нивното основање, со цел да се прилагодат на намалената побарувачка во пандемијата.
Претходно овој месец, тие објавија дека во јануари повторно ќе го зголемат производството а 400.000 барели дневно, и покрај стравувањата предизвикани од новата варијанта на коронавирусот.
Извештајот, исто така, покажа дека тие го зголемиле производството за 290.000 барели дневно на 27,72 милиони барели дневно во ноември, благодарение на зголемените испораки од Саудиска Арабија и Ирак, двата најголеми производители во ОПЕК, и закрепнувањето на производството во Нигерија.