Продолжува хаосот во затворот Идризово. Синоќа му го запалија службеното возило на директорот на затворот Идризово Зоран Јовановски на паркинг во Кисела Вода зад економското училиште, пренесува Алфа.

Засега не се знаат мотивите, ниту дали директорот имал закани од некого и некакви информации за пожарот. Тој одбива да даде коментар за пожарот пред неговата зграда.

Од МВР велат дека се работи на расчистување на случајот. Немаме нови информации. Екипи на МВР направија увид и работат на расветлување на случајот. Засега нема да споделуваме информации што точно се презема, но доколку има нешто ново коешто може да се сподели со јавноста, ќе информираме, велат од МВР.

Засега полицијата знае само дека синоќа три часа после полноќ било запалено службеното возило на директорт Јовановски кој го паркирал пред својот дом.

Во пожарот бил зафатен и дел од фасадата на зградата и алат на балконите од долните катови. Пожарот бил изгаснат од екипа на Противпожарната бригада на Скопје и нема повредени.

Не е првпат да се опожаруваат возила на вработени во Идризово. Ланската година повеќе од 40 командири и чувари од Идризово си заминале поради закани и уцени и заплажувања со опожарувања на возила.

Алфа неодамна објави дека во најголемиот затвор во државата има дефицит на кадар бидејќи вработените си заминуваат незадоволни од условите за работа. Дел од нив тврдат дека никој не ги заштитувал, а постојано се соочувале со закани по живот.

Минатиот месец, седумнаесет припадници на затворската полиција се уапсени во голема полициска акција на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.Шестмина од нив се во притвор, а останатите останаа без пасоши.

За хаосот во Идризово сведочат и двата тунели за бегство коишто беа за време на редовна контрола во затворот. Вториот тунел беше откриен пред повеќе од еден месец при претрес на обвинителството за други кривични дела.

Најверојатно, во Идризово се спремало и големо бегство како во сценариото на филмот бегството во Шошенк.

Властите најавија дека тунелите ќе бидат бетонирани.

Повеќе од една година Обвинителството и МВР истражуваат кој стои зад копањето и дали се изведувало со знаење на затворскиот персонал.

Засега нема информации до каде е истрагата за тунелите.