Кривична пријава против ЈП „Комунална хигиена“
Проблемите со собирањето отпад во Општина Аеродром достигнаа критична точка, поради што локалната самоуправа поднесе кривична пријава против Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Случајот е доставен до Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, откако неколку дена низ скопските улици отпадот не се собирал редовно.
Интервенции од општината
Во изминативе три дена, екипите на Општина Аеродром собрале 24 тони комунален отпад од домаќинствата, надоместувајќи ја работата што не ја изврши градското претпријатие.
„Свесни сме дека поради оваа вонредна ситуација можеби беа запоставени редовните активности односно чистење на плочници, тротоари и сервисни улици, косење, гребење и уредување на зеленилото, празнење на кантите за џебен отпад, собирање на лисја, гранки и на неколку места и кабаст отпад. Се извинуваме на сите жители за непријатностите и бараме разбирање“, соопштија од Општина Аеродром.
Неколку месеци претходно, Општина Аеродром ѝ изрече прекршочна казна на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ во износ од 88.000 евра. Како причина за високата глоба се наведуваше континуираното нефункционирање, несоодветното собирање отпад и негрижата за јавната хигиена на територијата на Аеродром.
Проблемот дополнително се влошува поради честите спорови меѓу Општината и ЈП „Комунална хигиена“ околу надлежноста за чистење на мини-депониите што се појавуваа на различни локации низ општината.