Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави финансиска поддршка од општината за младиот репрезентативец во далечинско пливање, Кристијан Стојановски.
Најавата за поддршката Ѓорѓиевски ја соопштил денеска на средба со Стојановски.
-Градоначалникот Ѓорѓиевски потенцираше дека грижата за младите спортски таленти е во неговата приоритетна листа и оти отсега младиот Кристијан, може да смета на финасиска поддршка од Општина Кисела Вода, која треба да му го олесни патот кон спортските успеси, соопшти Општина Кисела Вода.
Младиот пливач Кристијан од друга страна, според соопштението, ветил дека дека ќе даде се од себе да донесе за себе, за својата Кисела Вода и за својата Македонија што повеќе медали. Нешто што ќе има можност наскоро да го докаже, бидејќи во наредниот период му претстојат повеќе интернационални пливачки натпреварувања во Турција, Италија, Шпанија, Србија, како и на Сејшелите.
Стојановски со своите 17 години досега ги претставувал боите на Северна Македонија на Европското јуниорско првенство во Париз, каде бил во дваесетте најдобри. Од државното првенство во Србија во јули, се вратил со освоено второ место на 7.5 км, со прво место на 5 км во Бачка Топола, како и со поставен рекорд на стаза во Костовац, Србија на 3.3 км. Летово пливал и на Светскиот Куп во Охрид на 10 км, од државното првенство во Косово се вратил со второ место, а посебно истакнува дека е горд за учеството на Европскиот куп одржан на 14 август во Охрид, каде имал можност да плива заедно со олимпијците.