Општина Кочани почна постапка за поставување фотоволтаични системи за производство на електрична енергија на три јавни објеки, а за што ќе инвестира близу 12 милиони денари.

Средствата се обезбедени во соработка со Центарот за развој на Источниот плански регион во рамки на Програмата за рамномерен регионален развој за 2023 година на Бирото за регионален развој, а со инвестицијата ќе се влијае врз намалувањето на трошоците во работењето преку искористување на обновлив извор на енергија.

-Со проектот се предвидува да се постават фотоволтаични системи на филтер станицата за вода со инсталирана моќност од 80 киловати, потоа на средното училиште „Гошо Викентиев“ со 25 киловати и на основното училиште „Никола Карев“ со 40 киловати. Општина Кочани ќе учествува во реализација на проектот со кофинансирање во вредност од пет проценти од вкупната вредност, истакна Елена Димитровска, раководителка на Секторот за локален економски развој на Општина Кочани.

Според техничката спецификација во проектот, предвидено е најголем дел од средствата, односно над 8,3 милиони денари да се инвестираат за фотоволатичната централа на филтер станицата, над 2,1 милион денари се наменети за ОУ „Никола Карев“, а останатите средства се за средното техничко училиште.

По согласноста за кофинансирање, што на денешната седница ја даде Советот на Општината, наскоро ќе биде објавен јавниот повик за избор на изведувач, а проектот треба да се реализира во текот на пролетта.