Во калкулацијата за 2022 година, што ја презентиравме пред советниците, искажана е загуба од над 1,9 милионi денари, затоа што од јануари до мај годинава испорачувавме вода според старата цена.

Советот на Општина Кочани на денешната редовна седница го прифати барањето на Управниот одбор на КЈП „Водовод“ и даде согласност цената на геотермалната вода да се покачи за 28,08 денари за кубен метар, односно за над 83 отсто.

Согласноста беше дадена откако во изминатите два месеца „Водовод“ два пати ја менуваше пресметката на трошоците за црпење и дистрибуција на водата, односно од 75,61 беше намалена на 66,8 денари, а според прифатениот предлог ќе изнесува 61,9 денари за кубен метар.

При последната пресметка на цената е земена предвид најавената регулирана цена за електрична енергија за комуналните претпријатија од страна на Регулаторна комисија за енергетика, што е клучен елемент при утврдување на трошоците за испорака на водата.

-Во калкулацијата за 2022 година, што ја презентиравме пред советниците, искажана е загуба од над 1,9 милионi денари, затоа што од јануари до мај годинава испорачувавме вода според старата цена. Со сегашното покачување на цената ние не можеме да ја покриеме таа загуба, но ќе се подмират расходите што ќе настанат во тековната грејна сезона, ако се испорача истата количина од 466 илјади кубни метри како лани. Знаеме дека регулираната цена на струјата се однесува до април 2023 година, што значи дека ние за тој период ќе ги имаме овие трошоци за електрична енергија, истакна Јасминка Димова од КЈП „Водовод“.

Дополнително, во образложението за покачувањето на цената на геотермалната вода, од „Водовод“ наведуваат дека е планирана поправка на постојната и набавка на нова пумпа за црпење, обновување на изолацијата на цевководот за дистрибуција на геотермалната вода, како и зголемени трошоци за плати на вработените врз основа на законската регулатива за минимална плата.

Работната единица „Геотерма“ на „Водовод“ има потпишано преддоговори со 14 правни лица кои геотермалната вода ја користат како енергенс за затоплување, односно училишта и јавни институции, како и оранжериски комплекси и други стопански субјекти.