Општините добија втор повик за финансирање на проекти

Од денеска сите општини ќе може да аплицираат на вториот повик за финансирање на проекти, вреден 15 милјарди денари, пари обезбедени од унгарскиот заем. За разлика од првиот, локалните власти сега имаат рок до 30-ти април, односно повеќе од два месеца, за да ја подготват и поднесат потребната документација. На повикот може да учествуваат и општините чиишто проекти претходно беа одбиени, но потребно е да исполнат два критериума.

Голем интерес

Кој ќе добие пари за реализација на проекти ќе реши координативното тело формирано од Владата. И овојпат се очекува голем интерес, бидејќи на првиот повик пристигнаа повеќе од 300 проекти. Најголем дел од нив за подобрување на патната инфраструктура.

Перински: Средства ќе има за сите градоначалници, без разлика од која партија доаѓаат

Министерот за локална самоуправа во оваа мерка не гледа предизборен поткуп. Тој е дециден дека на двата повика може да аплицираат и да добијат средства градоначалниците без разлика од која партија доаѓаат.

„Новина е продолжувањето на рокот за апликација до 30 април, а олеснителна околност има и во делот на обезбедувањето на потребната документација која е неопходна за отпочнување на јавната набавка. Тоа е со цел да им се помогне на општините и да им се даде простор потребната документација да ја дообезбедат додека трае постапката. Овие се две новини на барања на градоначалниците“, рече Перински.

Овој втор јавен повик, според Перински, е продолжение на првиот јавен повик. Министерот вели дека првиот веќе дава резултати на терен.

Името на Перински се споменува како еден од можните кандидати за градоначалник на главниот град.

ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи свои кандидати за градоначалници на локалните избори – Перински и Ѓеорѓиевски во трка за Скопје?

Перински информираше дека најголем интерес во првиот повик имало за финансирање на проекти од патната инфраструктура.