Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска престојуваше во работна посета на Делчево, каде што учествуваше на седницата на Советот за развој на Источниот плански регион. Пред градоначалниците и претставниците на општините тој ги претстави можностите за проширување на дигиталните услуги на локално ниво.
На седницата се разговарало за продлабочување на соработката меѓу Министерството за дигитална трансформација и локалните самоуправи, како и за приклучување на општините кон платформата за интероперабилност и Документ менаџмент системот – ДМС.
Платформата за интероперабилност овозможува безбедна размена на податоци меѓу институциите, додека ДМС обезбедува електронско управување и целосна следливост на документите и предметите.
Според Министерството, примената на овие системи треба да обезбеди побрзи постапки, помалку употреба на хартија и чекање, поголема транспарентност и поквалитетни услуги за граѓаните.
„Податоците треба да се движат, а не граѓаните. Дигиталната трансформација мора да биде присутна во секоја општина, бидејќи нејзината вистинска вредност се гледа преку побрзи, поедноставни и подостапни услуги“, порача Андоновски.
Во рамките на работната посета, Андоновски и градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, го посетија и новиот Туристички културен информатор.
Современиот простор е опремен со поддршка од Министерството за дигитална трансформација и треба да придонесе за подобро претставување на културните, природните и локалните потенцијали на Делчево и Пијанец.
За време на посетата било истакнато и значењето на Центарот за услуги – ЕТУ, кој веќе функционира во Делчево. Според Министерството, големата искористеност на услугите покажува дека Центарот е од особено значење за жителите, бидејќи им овозможува полесен пристап до услугите на јавната администрација.
„Делчево забрзано се развива преку проекти што носат конкретни придобивки и нови можности за граѓаните. Министерството продолжува да ги поддржува локалните иницијативи и современите решенија што го подобруваат квалитетот на услугите“, истакна Андоновски.
