Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево во Скопје се сретна со шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас. На средбата се разговарало за европската интеграција на земјата, реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан.
Муцунски во објава на социјалните мрежи наведе дека овие процеси и инструменти директно влијаат врз економскиот развој и квалитетот на животот на граѓаните.
Соговорниците го потврдиле заедничкиот интерес за продолжување на поддршката на реформските процеси, зајакнување на институционалните капацитети и доследна примена на европските вредности и стандарди.
Муцунски ја истакнал јасната посветеност на Владата на евроинтегративниот процес и повторил дека полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба на земјата.
Министерот изразил задоволство од редовниот и отворен политички дијалог со Европската Унија, како и од континуираната поддршка што ЕУ ја обезбедува за реформските процеси во земјата.
На средбата биле разменети мислења и за актуелните случувања на европскиот континент, регионалната стабилност и придонесот на Македонија кон пошироката европска безбедност.
