Прекумерен број наставници го оптоварува буџетот

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека во многу општини во државата има прекумерен број на наставници, односно се формираат паралелки со само неколку ученици. Таа посочи дека блок дотациите за основното и средното образование во најголем дел се трошат за исплата на плати на наставниците.

Јаневска нагласи дека проблемот може да се реши со оптимизација на училишната мрежа, воведување едносменска настава и продолжен престој во училиштата. Овие мерки, според неа, ќе придонесат кон подобри резултати на учениците на меѓународните тестирања како ПИСА.

Исплатените средства за средното образование во Гостивар

Министерката појасни дека Министерството за образование и наука во 2025 година кон општина Гостивар исплатило блок дотација за финансирање на средното образование во износ од 320 милиони денари, а понатаму локалната самоуправа е надлежна да ги распредели средствата по ставки.

„Но, 96,9 отсто од тие средства се исплатени за плати. Така што, јасно е зошто општината не исплатила регрес. Проблем е прекумерниот број на наставници и градоначалникот тоа го знае“, рече Јаневска.

Едносменска настава и продолжен престој за подобри резултати

Јаневска посочи дека од самиот почеток на мандатот се заложува за оптимизација на училишната мрежа и за воведување на едносменска настава.

„Не е добро да функционираат училишни објекти со по неколку ученици. Мораме да ги споиме со поголемите училишта. Тоа е добро за социјализација на децата и за намалување на режиските трошоци, а од друга страна со воведувањето на едносменската настава и продолжениот престој ќе ги задржиме сите наставници на работа и со нивен дополнителен ангажман од 2-3 часа дневно, нашите деца ќе постигнуваат многу подобри резултати од сегашните“, додаде министерката.

Таа потенцираше дека лани едносменската настава била воведена во 150 училишта, а годинава ќе се спроведе во повеќе од 200.