Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Европа би имала уште стотици илјади мигранти да не беа Србија и Унгарија кои ја спречуваат илегалната миграција.

Тој на заедничка конференција, по трилатералната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и австрискиот премиер Карл Нехамер, рече дека тие две земји ја штитат Европа на нејзините надворешни граници и дека од 330.000 мигранти на границите на Унгарија, дури 270.000 биле запрени на српско-унгарската граница.

– Му благодариме на претседателот Вучиќ за соработката и за она што го прави за Европа. Без Србија и Унгарија, Австрија, Германија и Холандија би имале стотици илјади повеќе мигранти отколку што имаат сега. Унгарија е во исклучителна положба и во непосредна близина на Украина, каде што има војна, а таа е најфреквентна мигрантска рута. Ја штитиме цела Европа на надворешните граници. Доколку не ги исполнивме нашите обврски, ќе имаше проблеми – рече тој.

Според него, никој не може да влезе на територијата на Унгарија без процедура за азил.

– Ако е позитивно, можат да дојдат, тоа треба да го направат другите земји, но не. Во Брисел е донесена одлука за квоти, но тие значат помош за Италија, но проблем за Австрија – рече унгарскиот премиер.

Тој додаде дека земјата нема да го замени ефикасниот систем што го има со неефикасниот систем на Брисел.

– Ќе најдеме политички и правни решенија тоа да го спречиме. Ќе одлучиме како ќе се врши толкувањето, но не се браниме само од мигрантите, туку и од Брисел – рече Орбан.