Премиерот на Унгарија Виктор Орбан денеска оцени дека Брисел се подготвува за војна со Русија и дека веќе постои целен датум за влегување во војна – 2030 година.
На својата Фејсбук страница, Орбан напиша дека целта на програмата за вооружување што ја покрена Брисел е Европската Унија да биде подготвена за војна до 2030 година, што е и целниот датум за забрзана процедура за членство на Украина во ЕУ, пренесува Хирадо.
„Темни облаци се собираат над Европа. Брисел се подготвува за војна со Русија, а веќе постои целен датум за влегување во војна: 2030 година“, предупреди Орбан.
Тој посочи дека, според основачкиот договор на ЕУ, во случај на вооружен напад врз територијата на некоја членка, останатите членки се должни да ѝ обезбедат цела достапна помош, што значи дека приемот на Украина, разорена од војна, во ЕУ би резултирал со непосредно влегување во војна.
Според Орбан, следната година може да биде последната унгарска изборна година кога навистина може да се одлучува за прашањето на војната и мирот. Со примерот на имиграцијата, тој истакна дека постојат одлуки кои подоцна не можат да се исправат. „Да не изградивме ограда во 2015 година, мигрантите веќе ќе беа овде. Ако донесеме погрешна одлука во 2026 година, ќе биде предоцна да ја исправиме до следните избори во 2030 година. Натпреварот нема добро да заврши. Кој сака мир, нека ни се приклучи“, заклучи Орбан.
