Унгарскиот премиер Виктор Орбан телефонски му ја честиташе изборната победа на лидерот на Тиса, Петер Маѓар, кој објави дека неговата партија обезбедила убедливо мнозинство во парламентот.

„Премиерот Виктор Орбан штотуку ни ја честиташе победата преку телефон“, напиша Маѓар на Фејсбук.

Според досега обработените 45,71 отсто од резултатите, Тиса води со значителна предност. Агрегираните податоци покажуваат дека партијата освоила 135 пратенички места, додека коалицијата Фидес-КДНП има 57 мандати.

Ваквиот распоред значи дека Тиса обезбедува двотретинско мнозинство во парламентот, што ѝ овозможува силна контрола врз законодавниот процес и можност за уставни измени.

Изборниот резултат претставува значаен пресврт на политичката сцена во Унгарија, со оглед на долгогодишната доминација на Фидес предводена од Орбан.

Во своето обраќање до своите поддржувачи, Орбан призна дека резултатите од изборите биле болни за партијата Фидес. Партијата ќе продолжи да им служи на граѓаните и на унгарската нација, но од опозиција, нагласи тој.