Унгарскиот премиер Виктор Орбан остро реагираше на изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во интервју го обвини дека го „поддржува Путин“ со блокирањето на преговорите за пристапување на Украина во Европската Унија, пренесува Euronews.

Зеленски во интервјуто изјави дека нема намера да направи никакви отстапки кон Будимпешта, туку дека токму Унгарија треба да ја поддржи Украина, која, според него, ја брани цела Европа од руската агресија.

„Не мислам дека морам да му понудам нешто на Виктор Орбан. Мислам дека Виктор Орбан треба да ѝ понуди нешто на Украина, која ја штити цела Европа од Русија, а дури и сега, за време на оваа војна, не добивме никаква поддршка од него,“ рече Зеленски.

Реакцијата на Орбан следуваше веднаш по објавувањето на интервјуто. Тој ја отфрли оценката дека Украина ја брани Унгарија или дека Будимпешта ѝ должи нешто на Киев.

„Украина не ја брани Унгарија од никого или од ништо. Ние не го побаравме тоа, ниту пак ќе го побараме. Безбедноста на Унгарија е загарантирана од нашите национални одбранбени капацитети и од НАТО, чиј член – за среќа – Украина не е,“ изјави Орбан.

Тој потсети дека Унгарија досега обезбедила околу 200 милиони евра хуманитарна помош за Украина и дека продолжува да ја снабдува со гас и електрична енергија, но повтори дека останува цврсто против нејзиното членство во Европската Унија.

„Унгарија не го поддржува и нема да го поддржи пристапувањето на Украина во ЕУ, бидејќи тоа би донело војна во Европа и би одзело пари од Унгарците за Украина,“ рече Орбан, додавајќи дека Киев би требало да се задоволи со статус на „стратешки партнер“, наместо да бара полноправно членство во Унијата.