Народната банка ги известува граѓаните од Прилеп, Охрид и Ресен, кои имаат платежна сметка во „АЛТА банка“ АД Битола, а не располагаат со платежна картичка, дека утре, сабота, 7 ноември, ќе биде организиран бесплатен превоз од овие градови до филијалата на Банката во Битола и назад. На овој начин ќе им се овозможи полесно да пристапат до средствата на своите сметки и да подигнат готовина.
Враќањето до местото на живеење ќе биде овозможено откако сите клиенти на банката ќе си ги подигнат своите предвидени парични средства.
Транспортот ќе се одвива според прецизно утврден распоред по градови. Поаѓањето од Прилеп е предвидено од Плоштадот „Методија Антонов-Ченто“ (пред објектот „Реклами“) во 10 часот, од Охрид автобусите ќе тргнуваат од градската автобуска станица во 11 часот, додека за граѓаните од Ресен превозот е организиран кај маркетот „Кипер“ со поаѓање во 12 часот.
Народната банка исто така потсетува дека од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени и шалтерите во Тетово и Струмица, каде што граѓаните кои немаат платежни картички ќе можат директно да подигнат износ до 20.000 денари.
