Пред да се размислува за воведување нов модел за вработување на лица со попреченост неопходно е институциите да направат сериозни и длабински анализи за тоа колку лица и со каков вид попреченост има во земјата, колку од нив се веќе подготвени низ формалниот процес на образование пред да се вклучат на пазарот на трудот, а колку треба да поминат низ стручна рехабилитација и поддршка за да стекнат соодветни вештини кои ќе им овозможат вклучување во работниот процес. Неопходни се и промени кои ќе обезбедат соодветен пристап на овие лица во образовниот систем со што тие би биле поподготвени за вклучување на пазарот на трудот, како последна фаза во процесот на нивната рехабилитација.
Воведувањето нов модел без да се исполнат овие неопходни предуслови нема да ја зголеми инклузијата на лицата со попреченост во економијата, туку само ќе предизвика нарушување на постојниот систем за нивно вработување во заштитни друштва и ќе наметне дополнителен финансиски товар за целиот бизнис.
-Во моментов на пазарот на трудот нема доволен број лица со попреченост кои би се ангажирале од страна на работодавачите. Но, и покрај ваквата фактичка состојба се предлага нов Закон за вработување на инвалидни лица кој предвидува воведување на задолжителна квота за вработување на лица со попреченост во сите приватни компании со над 20 вработени во земјата или во спротивно ќе мора да се плати соодветен надомест на државата. Сметаме дека на ваков начин работодавачите од приватниот сектор ќе бидат ставени во ситуација да плаќаат поради тоа што на евиденција на невработени лица во Агенцијата за вработување нема доволно лица со попреченост, вели претседателката на ОРМ, Владанка Трајкоска.
Членките на ОРМ и Заедницата на заштитни друштва – ЗАПОВИМ, како колективна членка, оценуваат дека воведувањето на оваа нова давачка е непотребно и крајно нелогично, затоа што, преку придонесот за вработување, компаниите веќе одвојуваат средства во Посебниот фонд за поддршка на вработувањето на лицата со попреченост кај сите работодавачи, како и во заштитните друштва.
Со воведувањето на новиот модел станува неизвесна и судбината на овие друштва кои вработуваат повеќе од 5700 вработени, од кои над 2500 се лица со попреченост, а кои во изминатиот временски период покажаа дека можат успешно да функционираат и затоа треба да продолжат со својот развој, а не да бидат сведени на социјални претпријатија или на реха-центри.
Од ОРМ и ЗАПОВИМ сметаат дека и постојниот Закон за вработување на инвалидни лица ја дава можноста работодавачите да вработуваат лица со попреченост во приватниот сектор, во јавни претпријатија, установи, агенции, фондови и останати субјекти, како и да се самовработуваат. Она што недостига е поттикнување на вработувањето на овие лица со соодветни политики и активни мерки, како и искористување на постојните решенија во законот – за адаптација на работното место, работно оспособување, ангажирање на работни асистент и други решенија кои не се искористени во доволна мерка.
Ваквите заклучоци произлегоа од дискусијата што се реализираше во рамки на проектот „Деловен појадок“ на Организацијата на работодавачи на Македонија, замислен како форум за размена на мислења и идеи од кои ќе произлезат предлози за подобрување на регулативата во областите кои се од интерес на работодавачите и бизнис заедницата.
Организацијата на овој деловен појадок беше поддржана од Проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, што е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ)*.