Дури 89 лица се приведени пред, за време и по саботното дерби во хрватскиот фудбал меѓу сплитски Хајдук и Динамо Загреб (0-0), соопшти денеска полицијата, наведувајќи дека се одземени и 35 парчиња различни пиротехнички средства и оти се оштетени автобуси на гостинската екипа и навивачи.

Портпаролката на сплитската полиција Антонела Лолиќ рече дека полициските сили со навремени интервенции во текот на целиот ден спречиле посериозни инциденти.

– Пријавени се оштетувања на автобусот на гостинската екипа, како и неколку оштетувања на автобуси користени за превоз н гостинските навивачи, но освен тоа, не се регистрирани други посериозни инциденти, а нема ниту повредени, изјави Лолиќ.

Приведени се вкупно 89 навивачи, во најголем дел поради прекршувања на Законот за спречување инциденти на спортски натпревари и користење пиротехнички средства.