Се прашуваме со чии пари гради должникот, фирмата Прагматика ДООЕЛ од Гостивар. Дали се тоа парите кои се земени од депозитите во Еуростандард банка и никогаш не се вратени? Прагматика гради голем станбен објект надвор од дозволените габарити, не почитувајќи решение за прекин на изградбата издадено од општината Центар која е надлежна за тоа. А од друга страна не сака да го плати долгот кон депонентите чии пари се покрадени во организираниот криминал на Еуростандард банка, реагираат оштетените штедачи
За организираниот криминал во Еуростандард банка сеуште нема одговорност од никого. И после толку многу наши објави во медиуми, одржани прес конференции и телевизиски дебати, нема никаков одговор од никаде. Останаа неодговорени мноштво прашања, но најважните од нив се добро познати. Кој сè учествувал во грабежот на депозитите од банката, каде отишле парите, кога ќе се вратат истите и конечно, кога ќе одговараат сите тие што учествувале во криминалот?
Една од 149 фирми кои имаат нефункционални кредити во Еуростандард банка, односно кредити кои се ненаплатливи или тешко наплатливи, е и фирмата Прагматика ДООЕЛ од Гостивар. Таа фирма е во сопственост на член од најтесното семејство на аналитичарот Алберт Муслиу. Фирмата должи околу 380 илјади евра во Еуростандард банка. Нема платено ништо, ниту еден денар, веќе четири години. Додека Алберт Муслиу се јавува како заложен должник за долгот на оваа фирма во Еуростандард банка.
Фирмата Прагматика имаше намера да гради објект на атрактивна локација во центарот на Гостивар, на имот којшто припаѓаше на Еуростандард банка. Но, во таа намера не успеа. Како сопственост на Еуростандард банка во стечај, имотот беше легално продаден на аукција на друго лице.
Но сега, откако не успеа во таа намера да гради во центарот на Гостивар, истата фирма Прагматика ДООЕЛ почнала да гради голем станбен објект на улица „Владимир Назор“, во близина на Клинички центар во Скопје, а врз основа на добиено одобрение за градење за објект со намена А1 односно домување во станбени куќи. Меѓутоа, според информациите од општина Центар, која што го издала одобрението за градење, уште пред четири месеци констатирале дека објектот е неусогласен со параметрите на постоечкиот Детален урбанистички план и донеле решение за прекин на изградбата. Но, и покрај тоа, Прагматика продолжила да гради надвор од дозволените габарити додека жителите кои живеат во околината на градбата сега ангажирано потпишуваат петиција и се обидуваат да најдат институционален начин да ја запрат Прагматика во тоа што го прави.
Се прашуваме со чии пари гради должникот, фирмата Прагматика ДООЕЛ од Гостивар. Дали се тоа парите кои се земени од депозитите во Еуростандард банка и никогаш не се вратени? Прагматика гради голем станбен објект надвор од дозволените габарити, не почитувајќи решение за прекин на изградбата издадено од општината Центар која е надлежна за тоа. А од друга страна не сака да го плати долгот кон депонентите чии пари се покрадени во организираниот криминал на Еуростандард банка. Се прашуваме и зошто извршителот од Гостивар, на кого му е доделен предметот за извршување на долгот на оваа фирма во Еуростандард банка уште пред повеќе од три години, го чува предметот на Прагматика во фиока и не го извршува.
И конечно, се прашуваме дали за фирмата Прагматика од Гостивар, со која е тесно поврзан и аналитичарот Алберт Муслиу, важат законите во оваа држава или таа може да прави што сака, кога сака и спрема кого сака. Дали важи мотото „законите важат подеднакво за сите“ коешто секој ден го слушаме од владините претставници или во овој случај законите важат за сите, но не важат за фирмата Прагматика од Гостивар и никој ништо не и може?
Здружение на оштетени штедачи на „Еуростандард банка“