Алберт Муслиу, аналитичарот кој го гледаме многу често на телевизиски дебатни емисии, го тужи Здружението „Правда за штедачи“ за клевета поради изнесените факти дека негова фирма како и фирма на негов близок член од семејството имаат земено кредити од Еуростандард банка во вкупен износ од речиси 800 илјади евра, но немаат вратено ниту денар повеќе од четири години. И поради сето тоа, Алберт Муслиу се здобил со душевна болка и други здравствени проблеми. Се прашуваме каква е таа душевна болка да земеш пари од друг, да не вратиш ништо и со тоа да го оштетиш и да му предизвикаш болка. Или колку боли туѓата болка? На денот на затворањето на Еурoстандард банка, душевна болка и здравствени проблеми претрпеа преку 3.000 депоненти, физички и правни лица. Денот кога дознаа дека паричните средства доверени во банка ги немаат повеќе, допринесе да немаат сон, здравјето им се наруши, стресот им стана секојдневие. Неспокој, немир, главоболки и голема неизвесност. Мноштво последици за нив и нивните најблиски, порачуваат од Здружението на оштетени штедачи.

Во продолжение следува нивното соопштение:

Нивната единствена вина е што верувале во систем којшто е заштитен со закони, за да ги доверат своите лични парични средства во банкарска институција контролирана од државата. Се разбира, не знаејќи притоа дека внатре во банката со години се одвивал организиран криминал односно грабеж на депозити. И тоа грабеж инициран, организиран и спроведен од раководниот тим на банката, претежно во тесна соработка со сопственици на фирми како приматели на неповратни кредити. Еден од претставниците на раководниот тим на Еуростандард банка е Трифун Костовски во својство на долгогодишен претседател на надзорниот одбор, често присутен со свои колумни и гостувања во емисии во последните две и пол години. Додека Алберт Муслиу е еден од претставниците на сопственици на фирми кои земале кредити од Еуростандард банка за да никогаш не ги вратат.

И сега се прашуваме кој тоа има душевна болка. Дали е тоа Алберт Муслиу чија фирма е должник во Еуростандард банка или пак преку 3.000 доверители, кои очекуваат фирмата на Алберт Муслиу да ги врати стотиците илјади евра кои ги земала како кредит? Или пак можеби Трифун Костовски и неговите блиски колеги од раководството на Еуростандард банка кои масовно и свесно доделувале неповратни кредити со години?

Се прашуваме кој ќе ја надомести реалната душевна болка, претрпениот стрес и непроспиените ноќи на многуте оштетени доверители во Еуростандард банка. Парите кои фирмата на Алберт Муслиу и таквите како него ги земале од Еуростандард банка мора да ги вратат. Додека раководството на Еуростандард банка мора да сноси одговорност за злоупотребите и разните криминални активности кои ја однесоа банката во стечај, за што впрочем се води и истрага неполни две години. А за сето тоа да се случи, и за таквите личности како Алберт Муслиу и за раководните лица од Еуростандард банка, постојат финансиската полиција, обвинителството и судството. Но, нарушеното здравје и последиците на сите оштетени доверители и нивните семејства нема цена. Тоа не може да се плати со пари.