Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предметот против З.Ј. за кривичното дело Загрозување на безбедноста на сообраќајот, по внимателна анализа на обвинението, изведените докази и релевантните законски одредби, оцени дека дејствијата кои му се ставаат на товар на обвинетиот не ги содржат законските обележја на кривичното дела па заради тоа донесе ослободителна пресуда.

Како што информира Основниот кривичен суд Скопје, согласно образложението на пресудата, судот оцени дека кривична одговорност не може да се заснова врз самата околност што обвинетиот е сопственик на возилото и што неговиот полнолетен син управувал со тоа возило без возачка дозвола. Законодавецот ваквото однесување изречно го регулирал и санкционирал како прекршок во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а судот не може преку проширено толкување на кривичниот закон да создава нови облици на кривична одговорност кои законодавецот не ги предвидел.

-Повторувањето на едно прекршочно однесување, само по себе, не го претвора во кривично дело. Бројот на прекршоците не може да создаде нов правен квалитет на дејствие доколку не се исполнети законските обележја на конкретното кривично дело. Во конкретниот случај, непосреден извор на опасност и непосреден причинител на настанатата последица е полнолетниот возач како самостоен учесник во сообраќајот. Кривичното право почива врз начелото на лична и индивидуална одговорност, поради што последиците од самостојното постапување на едно полнолетно лице не можат автоматски да му се припишат на друго лице само поради роднинска врска или поради сопственост на возилото, наведува Основниот кривичен суд.

Против оваа пресуда странките имаат право на жалба пред второстепениот суд.