Берлин останува предводник на европската перспектива на Северна Македонија и на целиот регион. Почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија е високо на агендата на германското МНР и Влада, објави на неговиот фејсбук профил шефот на дипломатијата Бујар Османи по средбата во Берлин со Ана Лирман, државната министерка за Европа во германското МНР.
-Европската интеграција на државите од Западен Балкан стана безбедносно прашање и неговото заокружување е придонес во опстојувањето на европската безбедносна архитектура, наведува Османи на фејсбукстатусот.
Во рамки на посетата на Берлин, министерот Османи, претходно денеска во Бундестагот имаше средби со Михаил Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи, и со Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за ЕУ прашања, при што исто така, бил реафирмиран германскиот ангажман и поддршка на европскиот пат на Северна Македонија.
Во изјава од Берлин шефот на дипломатијата оценува дека ова е важна работна посета на Германија каде што разговарале за предизвиците наметнати од руската агресија во Украина и блокираната европска перспектива на регионот, како извор на системска ранливост.
– Ги нформирав германската Влада и германскиот Бундестаг за чекорите кои ги презеде Република Северна Македонија за да постигне стопостотна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ и со тоа покажа зрелост, но и доследност како партнер на Европската Унија, но и НАТО-член во регионот, а секако ја информирав Владата и Парламентот за текот на разговорите со Република Бугарија. Притоа констатирајќи дека е време Република Бугарија да покаже стратешко лидерство со цел да се прекине овој токсичен круг на односи којшто се провлекува со години и остава трајни последици помеѓу граѓаните од двете страни на границата, а секако и ЕУ да презема стратешко лидерство кон регионот заради тоа што овие историски моменти го наметнуваат токму тоа, вели во изјавата од Берлин Османи.
Од Берлин Османи утре ќе отпатува за Софија.