Од утре, како што соопшти МНР, Османи е во посета на Сојузна Република Германија на средби со министерот за надворешни работи, Хајко Мас, како и државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот. Во рамките на оваа посета, Османи ќе оствари средби и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на канцеларката Меркел, како и со повеќе претставници на политичките групации и комисии во рамките на посетата на германскиот Бундестаг.
Од Берлин Османи во вторник заминува за Копенхаген, на средба со својот колега и домаќин, министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод.
Дипломатската турнеја на Османи продолжува со работната посета на Стокхолм, в среда, каде ќе биде примен од својот домаќин, министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде.
Во Стокхолм Османи е предвидено да оствари посета и на шведскиот Парламент – Риксдаг, каде ќе оствари средби со потпретседателките на Парламентот, Лота Форнаве и Кирстен Лундгрен. Во агендата на министерот во рамките на посетата на Шведска се и средбите со Ана Сандстром, советничка за ЕУ на премиерот, Ловен, како и со државната секретарка задолжена за европски прашања, Паула Оловсон.
Дипломатската турнеја на Османи се одвива во период на засилената дипломатска активност, а во контекст на европските интеграции на Северна Македонија. Покрај билатералните односи, централни теми на средбите ќе биде европското досие на земјава, и обезбедување поддршка со јасна цел имплементација на одлуката за почеток на преговорите од страна на Советот на ЕУ од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.