Слободата на движење на луѓето во Одзиси е целосно блокирана со „ѕид на раздвојување“ што е жално и неприфатливо во 21-от век, истакна претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи, кој денеска оствари теренска посета на преминот Одзиси, Грузија каде имаше прилика од прва рака да ги види ефектите врз населението кое е поделено како резултат на конфликтот од 2008 година.
Луѓето овде, како што потенцира Османи, немаат можност да ги посетат своите роднини и пријатели, да го користат земјоделското земјиште, тие се лишени од можноста да ги посетуваат верските објекти. – Ваквата состојба е неодржлива и спротивна на основните принципи на ОБСЕ и на цивилизациските идеали, рече тој.
Османи повика на што побрзо отворање на премините, особено во пресрет на Велигденските празници.
-Потребно е луѓето повторно да ја добијат нивната слобода на движење како основно човеково право, а Претседавањето на Македонија со ОБСЕ ќе ги вложи сите напори за да им помогне на директно загрозените од конфликтот, потенцираше Османи.
Посетата на Одзиси, Османи ја оствари во придружба на Мониторинг мисијата на ЕУ. Тој им се заблагодари за нивната работа на терен во изминатите 15 години заедно со претставниците на ОБСЕ, особено во превенирањето на нови тензии и олеснување на враќањето во безбеден и нормален живот.
Од Одзиси, Османи се упати кон Тсеровани, каде што се наоѓа заедница на внатрешно раселени лица по конфликтот од 2008 година. Османи имаше можност непосредно да ги слушне нивните приказни и да понуди поддршка за подобрување на нивниот секојдневен живот.
-Ве уверувам дека јас како Претседавач со ОБСЕ заедно со нашите партнери ќе направиме сè што е во нашата моќ за да ја подобриме состојбата на сите раселени и маргинализирани лица како и на семејствата на исчезнатите, рече претседавачот Османи.
Инаку, Тсеровани се наоѓа недалеку од Тбилиси и претставува една од најголемите населби формирани од страна на грузиските власти за згрижување на внатрешно раселените лица кои биле принудени да ги напуштат своите домови по конфликтот во 2008.