Според министерот за надворешни работи, Бујар Османи, усвојувањето на резолуцијата од страна на Европскиот парламент за Македонија значи чекор кон отворање на преговорите со Европската унија. Иако вчера на усвојувањето на резолуцијата не помина амандманот за казнување на провокаторската реторика на Бугарија, туку само двата амандмана кои се однесуваат на дискриминацијата на Бугарите во Македонија.

– Мислам дека не треба да се дефокусира важноста на резолуцијата која јасно ја повикува ЕУ да ги започне преговорите со Северна Македонија и ја зајакнува европската перспектива на земјава. Пратениците на Европскиот парламент одлучија врз основа на мислењето и нивните ставови. Во синоќешниот процес гледаме чекор напред кон отвореното мислење и време е ЕУ без доцнење да ги започне преговорите, истакна Бујар Османи.

Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук вчера порача дека е важно Македонија и Бугарија да продолжат со конструктивен дијалог за да постигнат компромис за Акциониот план.

– Се надеваме дека и Северна Македонија и Бугарија со помош на конструктивен дијалог ќе постигнат стабилни резултати и ќе ги решат нивните недоразбирања. Треба да имаме конкретни мерки што се однесува до спроведувањето и оваа работа треба да се посматра со големо внимание. Ова е потребно со цел да бидеме сигурни дека Првата меѓународна конференција ќе се одржи што поскоро. Но, треба да бидеме објективни и да веруваме во пристапниот процес. Треба да имаме поширока слика при градењето на заедничката доверба за да може да ја градиме заедничката иднина. Ни треба мост за обединување а не ѕидови за поделба“, додаде Илхан Ќучук.

Со жешка дебата вчера Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за Македонија со која се поздравуваат напорите на земјава во реформите за членство во ЕУ и се охрабруваат Скопје и Софија да најдат заедничко прифатливо решение во врска со спорот поради кој Македонија не може да ги започне преговорите со ЕУ и покрај спроведените реформи.