Обично, како што изјави Османи одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција со својот чешки колега, кој е во официјална посета на земјава, изборите се тие што ја вжештуваат комуникацијата меѓу Скопје и Софија, посочувајќи ги политичарите кои во недостиг на програмска понуда „се фаќаат за резервните теми кои создаваат емоции“. Другата причина е, како што истакна, невидливата рака која се обидува да ги одржува во живот латентните конфликти во регионот
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска упати порака до Република Бугарија дека е време, како што рече, да го прекинеме циклусот на негативни односи кој не е во интерес на двете држави
Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција со својот чешки колега Јан Липавски, кој е во официјална посета на земјава, Османи истакна дека Македонија и Бугарија изминатите години имале предвидена динамика за канализирање на разликите и комуникацијата, која не секогаш се движела според договорените насоки.
Обично, како што изјави Османи, изборите се тие што ја вжештуваат комуникацијата меѓу двете држави, посочувајќи ги политичарите кои во недостиг на програмска понуда „се фаќаат за резервните теми кои создаваат емоции“.
„За жал, не секогаш комуникацијата се движеше низ таа предвидена динамика и низ таа договорена волја за соработка меѓу двете држави и тоа од многу причини. Пред сè честите изборни процеси во Република Бугарија. Знаете дека на 2 април ќе имаат петти изборен циклус во последните две години, односно ќе имаме петти министер за надворешни работи со кој јас ќе треба да работам во услови во кои јас сум само две години министер за надворешни работи што создава една непредвидливост во комуникацијата и одржување на таа договорена волја. Обично изборните процеси се тие кои ја вжештуваат комуникацијата. Има политичари кои во неможност да нудат нешто на граѓаните секогаш се фаќаат за резервните теми кои создаваат емоции и од нив прават сопствен наратив во тој политички натпревар што го наметнуваат изборите“, рече Османи.
„Мислам дека Република Северна Македонија во овие години покажа мудрост и зрелост да не потклекне на таквите провокатори кои што се делумно диктирани од изборните агенди, а делумно од тоа што го велам често од некоја невидлива рака која се обидува често во овој регион постојано да има латентни конфликти бидејќи само така ги остваруваат своите цели. Оттука мојата порака до република Бугарија е дека е време да го прекинеме тој циклус на негативни односи кој не е во интерес на двете држави и на двете општества, да престанат провокациите“, порача Османи.
Тој истакна дека земјава е позната по односот кон индивидуалните и колективните права на граѓаните, што е најсветлата точка на нашиот имиџ.
„Ќе продолжиме тоа да го правиме во иднина и нема да дозволиме на нешто што ни е најсилната страна на нашиот имиџ во светот некој да стави дамка. Државата ќе се однесува подеднакво кон сите граѓани независно на која етничка заедница припаѓаат. Така да, јас се надевам дека оваа порака ќе биде добро прифатена во Република Бугарија и ќе се возврати позитивно наметнувајќи една позитивна агенда во нашите односи“, рече Османи.