На средбите, соопштија од МНР, било разговарано за стратешкото партнерство на Македонија во евро-атлантската заедница, клучните реформски процеси, како и поддршката во таа насока и за следните чекори во однос на европските перспективи на земјата.
На состанокот со високиот претставник од САД, Метју Палмер, стои во соопштението, биле реафирмирани заклучоците од високиот панел во рамките на Преспа форумот за дијалог, а каде лично со свое присуство беше и специјалниот претставник Палмер.
– Засилената обнова на трансатлантските врски, засилениот фокус на САД во однос на земјите од Западен Балкан, но и продлабочувањето на Стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД преставуваат заеднички геостратешки интереси кои остануваат важен приоритет во рамките на нашата надворешна политика, изјавил Османи на средбата.
Тој истакнал дека САД се особено важен стратешки партнер на Македонија и нивната долгорочна визија за стабилен, просперитетен и интегриран регион во евроатлантските рамки е сериозен двигател на реформските процеси во овие земји.
– Оваа визија станува уште поцврста ако се има предвид фактот дека истата ја делат и нашите европските сојузници и придонесува кон приближување на земјите од Западен Балкан кон членство во Европската унија, нагласил Османи.
На средбата со Забине Штер, во фокусот на разговорот била европската перспектива на земјата, но и регионалниот аспект особено Берлинскиот процес, последните заклучоци што се донесоа во рамки на оваа иницијатива и активности што следат за нивно преточување во конкретни проекти.
Утре, министерот Османи ќе биде говорник на панелот „Меѓународната заедница и земјите од Западен Балкан: како да ставиме крај на карантинот?“, а во агендата има и повеќе билатерални средби со високи претставници, учесници на форумот.