Кривичниот совет на Основниот кривичен суд – Скопје ги одбил жалбите и го потврдил притворот за поранешниот в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми и управителот за отпад во претпријатието Аки Саити, соопштија од Судот.
Двајцата се во притвор од 30 дена поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото. Нивните адвокати поднеле жалби, но Кривичниот совет ги одбил како неосновани. Одлуката може да се обжали пред Апелацискиот суд.
Против Рустеми и Саити, Основното јавно обвинителство – Скопје отвори истрага за кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“, според член 230 став 1 од Кривичниот законик, откако главниот град беше преплавен со смет.
„Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот, тие овозможиле создавање на мали депонии на јавни и сообраќајни површини, со што предизвикале оштетување на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето,“ соопштија од Обвинителството.
Сомнежите се поткрепени со вонредни инспекциски надзори извршени по наредба на Јавното обвинителство и со експертско мислење на Институтот за јавно здравје, според кое загадувањето во Скопје се зголемило како резултат на несоодветно управување со отпадот.
