Претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, кажа дека не се плаши од кривичните пријави против него од директорите на М-НАВ, а најави дека денеска ќе има депонирање на оставки од контролори на летање, помошници контролори на летање, лица на раководни функции, оставки од проекти. На вакви позиции се 20 до 30 луѓе, за кои се очекува да дадат оставки.
Последните чекори од инженерите и техничарите, кај директорите предизвикаа страв. Тој не е по нивните животи, туку страв кој се однесува на нивните директорски фотелји. Тоа покажува дека сме на вистинската патека, бидејќи вродува со плод, и ни дава мотив да се движиме во таа насока. Нема да не заплаши тоа што се случи вчера. Се повеќе професионалци кои не се само контролори на летање, туку и другите служби го креваат својот глас. Директорите се свесни и се во состојба на паника – додаде тој.
Кажа дека претходно оставки дале техничарите, а во иднина истиот чекор се очекува и од останатите вработени. Причините се вработувањата, кои според Синдикатот се наместени за кадри кои не се соодветни за тие функции.
Огласот е контроверзен по многу основи. Конкурсот за вработување ќе се спори со многу аргументи. Ќе се спорат претходни вработувања на директори во М-НАВ. Кандидатите немаат ниту рок на жалба – посочува Тасевски.