Лидерите на унионистичките партии во Северна Ирска упатија низа критики до американскиот претседател Доналд Трамп откако тој изјави дека „би сакал да види“ обединета Ирска, порачувајќи дека уставната иднина на земјата ја одлучуваат исклучиво нејзините граѓани, а не странски државници, пренесоа британските медиуми.
Трамп, за време на заедничката прес-конференција со ирскиот премиер Михол Мартин во Даблин, изјави дека обединувањето „на крајот ќе се случи, па може да се случи и сега“. Подоцна, на приемот во резиденцијата на американскиот амбасадор во Ирска, одговарајќи на прашање од новинарите на ПА Медија, Трамп додаде: „Тие секогаш одат до крај и ме прашуваат: „Што мислите за обединувањето на Северна Ирска и Ирска?“ Но, всушност реков дека, според мене, тоа би било многу кул. Искрено, мислам дека би било кул“.
Лидерот на Демократската унионистичка партија (ДУП), Гевин Робинсон, порача дека Трамп „подобро од повеќето знае дека изборите се важни“.
„Уставната иднина на Северна Ирска ќе ја одредат граѓаните на Северна Ирска, а не коментарите од Лондон, Даблин или Вашингтон. Северна Ирска е дел од Обединетото Кралство затоа што тоа е утврдената демократска волја на нејзиниот народ. Уверен сум дека Северна Ирска и понатаму ќе го избира Обединетото Кралство и безбедноста што тоа ја нуди. Како унионисти, не сме заинтересирани за уништување на нашата земја преку обединување со Република Ирска“, напиша Робинсон на социјалната мрежа Икс.
Лидерот на десничарскиот Глас на традиционалните унионисти (ТУВ), Џим Алистер, изјави дека Трамп „не е првиот американски претседател што се меша во работи што не го засегаат“, дополнувајќи дека „Северна Ирска не е пион во конфликтот на Трамп со Обединетото Кралство и нејзината уставна иднина не зависи од него или од кој било друг странски државник“.
Лидерот на Улстерската унионистичка партија (УУП), Џон Бароус, оцени дека американскиот претседател, исто како и сите други, има право на сопствено мислење, но нагласи дека единствени релевантни се граѓаните на Северна Ирска.
– Тоа е принципот на согласност, кој е утврден со закон преку Белфастскиот договор, договорен со посредство на УУП. САД биле и остануваат важен сојузник, од Втората светска војна и глобалната борба против тероризмот до одбраната на демократијата, а американските компании согледуваат дека нашата работна сила е меѓу најдобрите во светот. Но, кога сè ќе се каже и направи, иднината ќе ја одлучат граѓаните. Уверен сум дека Северна Ирска е попросперитетна и посигурна во рамките на Обединетото Кралство и дека таму ќе остане – изјави Бароус.
Изјавите на Трамп предизвикаа и политички иронизирања во Северна Ирска. Поранешниот лидер на Социјалдемократската и лабуристичка партија (СДЛП), Колум Иствуд, кој инаку е отворен критичар на Трамп, објави снимка од изјавата со коментар: „Отсекогаш ми се допаѓал“. На ова реагираше членот на УУП, Роби Батлер, укажувајќи на лицемерието кај дел од политичарите.
– Со години ни велат дека овој претседател е неприфатлив – неговиот карактер, неговото однесување, неговиот став кон Газа. Некои од оние што сега му аплаудираат ја бојкотираа Белата куќа поради тоа. Една реченица за обединета Ирска и тој очигледно станува државник со ретка визија. Изгледа дека неговата проценка е исправна само за една тема, онаа што случајно им одговара. Селективноста е барем доследна – изјави Батлер.
Реакциите доаѓаат во сложена политичка атмосфера. Водечките унионистички партии ДУП и УУП досега одржуваа соработка со Трамп, додека републиканската партија Шин Фејн во изминатите две години го бојкотираше традиционалното патување во Вашингтон за Денот на Свети Патрик поради односот на американската администрација кон Блискиот Исток.
Инаку, претходно годинава и британскиот премиер Анди Барнам предизвика расправа на островот кога изјави дека референдумот е „надвор од игра“. Според одредбите од Белфастскиот договор од 1998 година, британскиот државен секретар може и е должен да распише референдум доколку се чини веројатно дека мнозинството би гласало за обединување, а за уставната промена потребно е да гласа
