Општина Аеродром бара да се вратат старите имиња на улиците на нејзината територија, пренесува 24.mk.
Од советот на општината велат дека иницијативата доаѓа по директно барање на граѓаните, откако во 2021 година, над 80 улици во населбата Лисиче беа преименувани, што предизвика вистински хаос со издавањето на лични карти кај граѓаните.
„Навистина во овој период се случува хаос и од страна на службите на пошта и од страна на посетители кои имаат сериозен проблем да ги најдат улиците со новите имиња, освен административна промена што се направи тоа претставува и товар на граѓаните за промена на личните документи. На лице место стојат старите назнаки така што се надевам дека Градот Скопје во најскоро време ќе ја разгледа оваа иницијатива.“ – вели Дејан Митески претседател на Совет на општина Аеродром.
Исто вакво барање до градоначалничката Данела Арсовска кон крајот на минатиот месец достави и Општина Бутел. Градоначалникот Дарко Kостовски рече дека иницијативата ја поднел откако до него и до Општината пристигнале голем број на иницијативи од страна на граѓаните.
„Ние пративме предлог да се вратат имињата. Граѓаните поднесоа иницијатива, тaa иницијатива не е во наша надлежност, останува како ќе одлучи Град Скопје.“ – вели Дарко Костовски градоначалник на Општина Бутел.
Од Град Скопје нема одговор дали ќе ја прифатат иницијативата на општините и дали ќе се вратат старите имиња на улиците.
Град Скопје на седницата одржана на крајот од март во 2021 година во периодот кога Петре Шилегов беше градоначалник донесе одлука за измена на имињата на 485 улици на територијата на главниот град. Ваквата промена предизвика хаос во издавањето на лични документи, а граѓаните кои живеат на улиците со променети имиња се соочија со бирократски проблеми и целосна некоординираност од страна на институциите. Според Претседателот на Советот на општина Аеродром токму ова е и главната причина што граѓаните бараат враќање на имињата на улиците.