Покрај тројцата руски дипломати кои се прогласени за персона нон грата од страна на македонското МНР, забрана за влез во земјава добил и шефот на руското црковно предворје во Софија, Васијан Змеев, пренесува „religija.mk“ повикувајќи се на доброупатени извори од МНР.
Змеев е рускиот црковен претставник на Московската патријаршија, кој изминатава година имаше интензивни посети на Македонија и зачестени средби со Архиепископот Стефан и митрополитите Григориј и Петар. За време на една посета во манастирот Пантелејмон во Нерези служеше помен за загинатите руски војници. Ја има улогата на координатор на Балканот за руските црковни политики, со особено влијание во Бугарија и во Македонија.
Неофицијално Змеев последната година ги координирал сите политики на МПЦ ОА во однос на нејзината црковна дипломатија, што доведе до целосен застој во односите со Вселенската патријаршија за целосно приснавање на автокефалноста на МПЦ ОА.
По директен негов налог е и скандалозната синодска одлука дека МПЦ ОА ќе сослужува со Православната црква на Украина тогаш кога сите цркви ќе ја признаат нејзината автокефалност.
Претседателот Стево Пендаровски пред извесно време обелодени дека според информации од пријателски држави, некои владици на МПЦ ОА биле во соработка со руските безбедносни служби.