Во Шпанија е откриена банда фалсификатори на евро монети. Осомничените, Кинези, ги пуштиле монетите во оптек низ Европа.

Неделава новинските агенции објавија дека шпанската полиција разбила банда фалсификатори кои наводно ширеле фалсификувани монети од две евра низ Европа, пишува Дојче веле.

Со помош на наднационалната полициска организација Еуропол успеале да разоткријат работилница за фалсификување во главниот град на Кастиља Ла Манча, Толедо, што, според полицијата, е „најважното откритие од ваков вид во Европа во последните десет години.

Бандата пушти речиси 500.000 фалсификувани монети со „висок квалитет“ на европскиот пазар. Уапсени се десет лица, за кои се вели дека се кинески државјани.

Шпанската полиција соопшти дека шест години го истражува овој случај. Според ДПА, истрагата „беше исклучително тешка и долготрајна, не само поради тајноста во организацијата и поради практично невозможното следење на фалсификуваните пари, што е карактеристично за фалсификуваните монети“.

Иако економската штета во конкретниот случај можеби не беше голема (половина милион фалсификувани монети од две евра имаат еднаква вредност од околу еден милион евра), успехот на полицијата не треба да се потцени.

Секој што успешно пушта во оптек фалсификувани пари на подолг временски период, непречено, го проширува својот бизнис. Тука, пред сè, е важен психолошкиот аспект на можноста граѓаните да се уверат дека нивните пари се безбедни и ја задржуваат својата вредност.