Договорот што во петок треба да го потпишат Соединетите Американски Држави и Иран содржи повеќе прецизно дефинирани одредби, објави саудиската телевизија „Ал Арабија“, која тврди дека добила копија од документот меѓу Вашингтон и Техеран.
Со Меморандумот за разбирање, Исламската Република Иран и Соединетите Американски Држави, заедно со своите сојузници во тековната војна, треба веднаш да прогласат моментален и траен прекин на непријателствата на сите фронтови, вклучително и во Либан. Двете страни се обврзуваат повеќе да не иницираат непријателски дејствија една против друга и да се воздржат од закана или употреба на сила, а овие одредби треба да бидат потврдени и во конечниот договор.
Иран и САД се обврзуваат меѓусебно да ги почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет и да не се мешаат во внатрешните работи на другата страна. Тие треба да преговараат и да постигнат конечен договор во рок од најмногу 60 дена, со можност рокот да биде продолжен со заедничка согласност.
Веднаш по потпишувањето на меморандумот, Соединетите Американски Држави треба да ја укинат поморската блокада и да спречат какво било мешање или попречување на Иран. Во рок од најмногу 30 дена, сообраќајот треба да биде вратен во полн капацитет и да одговара на обемот на движење на бродовите од Иран пред војната. Вашингтон, исто така, се обврзува да ги повлече своите сили од околните области во рок од 30 дена по постигнувањето на конечниот договор.
По потпишувањето на документот, Иран треба да преземе итни мерки за движењето на трговските бродови од Персискиот Залив кон Оманското Море и обратно во рок од 30 дена да биде вратено на нивото од пред војната. Притоа се зема предвид времето потребно за отстранување на техничките пречки и неутрализирање на мините од страна на Иран.
САД, заедно со своите регионални партнери, се обврзуваат да подготват сеопфатен план за обнова и економски развој на Иран, кој треба да биде договорен од двете страни. За планот треба да бидат обезбедени најмалку 300 милијарди долари, а механизмот за негово спроведување, како дел од конечниот договор, треба да биде формулиран во рок од 60 дена.
Вашингтон се обврзува, според распоред што ќе биде договорен во рамките на конечниот договор, да ги укине сите санкции со кои во моментов се соочува Иран. Тоа ги опфаќа резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, одлуките на Одборот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија, како и сите еднострани американски санкции, и примарни и секундарни.
Иран повторува дека никогаш нема да произведува нуклеарно оружје. Техеран и Вашингтон се согласуваат судбината на збогатениот материјал, нуклеарните потреби на Иран и сите други меѓусебно договорени прашања поврзани со нуклеарното оружје да бидат решени во конечниот договор, кој треба да ги потврди и овие одредби.
До постигнувањето на конечниот договор треба да се задржи постојната состојба. Иран нема да ја менува својата нуклеарна програма, додека САД нема да воведуваат нови санкции против Техеран и нема дополнително да го зголемуваат бројот на своите сили во регионот.
Веднаш по потпишувањето на Меморандумот за разбирање и сè до формалното укинување на санкциите, американското Министерство за финансии треба да издаде ослободувања што ќе овозможат извоз на иранска сурова нафта, петрохемиски производи и нивни деривати.
